Иако за 8 дена ќе поминат точно два месеца од освојувањето на најзначајниот трофеј што една европска екипа посакува да го има во своите витрини, сепак никогаш не е доцна (особено што денеска почна да функционира блогот) за анализа на тоа што засекогаш ќе остане во срцата на нероаѕурите!
Оваа најзначајна кампања во Европа на Интер, по долги децении, можеме слободно да ја поделиме на два дела! Едниот беше соочување со минатото и стравот од неуспех, а другиот борба со реалноста и остварување на иднината. Тоа беше борба на самиот Интер со самиот себе! Борба со духовите од минатото, и борба за остварување на СОНОТ!
Се започна кон крајот на август кога УЕФА ги објави распределбите на клубовите во таканаречени „прстени“ (rings). Интер, поради слабите резултати во минатите сезони, беше групиран во вториот по квалитет прстен, што само по себе значеше дека не сме први фаворити и дека ќе треба да се соочиме со барем една силна екипа, која е подобро рангирана. На крајот од месецот беше одржана ждрепката и групата гласеше: Барселона, Динамо Киев и Рубин Казан. Веднаш со право оваа група и беше наречена „група на смртта“! Ова беше единствената „шампионска“ група, (сите учесници беа актуелни шампиони во матичните земји, плус како шлаг на тортата Барселона како актуелен бранител на Лигата на шампионите!), за разлика од оваа групата на Арсенал немаше ниту еден актуелен шампион од минатата сезона. Значи, шампионското освојување започна со вистински предизвик, со борба против шампиони!
Првото коло беше закажано за 16.09.2009 год. кога во Милано дојде актуелниот шпански и европски шампион Барселона! Овој дуел имаше вистински шмек, поради случувањата во летниот трансфер период. Барселона го купи Ибрахимовиќ (човекот кој жареше и палеше во сино-црниот дрес, до пред само три месеци), а како размена освен задоволителна сума на пари беше пратен феномалниот Самуел Ето во Интер. На прес конференцијата ќе биде запеметена изјавата на Мурињо (што подоцна ќе се покажа и како точна): „Не сакам да размислувам дека Барса се фаворити, но не можеме да го скриеме фактот дека тие играат долг период заедно. Тие имаат двајца нови фудбалери додека ние имаме пет, од кои некои дојдоа пред два месеца, или пред месец дена, или пак дури и пред две недели. Ние сме се уште „под конструкција“.“ Исто така беше интересно и согледувањето за трансферот на Ибра: „Tтрансферот на Ибра беше идеален договор кој ги направи среќни сите: Ибра, Гвардиола, мене и Ето. Клубот направи прекрасна работа на трансфер маркетот. Се 50-те милиони од Ибра ние ги добивме Милито, Лусио, Тиаго Мота, Снајдер и Ето, кои утре сите ќе бидат стартери!“
Самиот натпревар помина под речиси целосна доминација на Барса! На вистински испит беше одбраната на Интер, која реагираше на феноменален начин, а некако најмногу се истакна Киву, кој беше директно задолжен за Меси. Конечниот резултат беше ист како и почетниот 0:0. Само да се спомене дека ниту Ибра, ниту Ето не се наиграа на овој натпревар, и беа само бледа сенка на она што го правеа во дресовите со спротивни бои.

Следниот натпревар на 29.09.2009 год. беше соочување со актуелниот руски шампион Рубин Казан, кој иако беше поразен првиот натпревар во Киев беше екипата која го играше подобриот натпревар. Натправарот помина во доста динамична игра. Русите поведоа преку голот на Алехандро Домингез, а Интер изедначи преку деки Станковиќ, кој ја круниса прекрасната асистенција на Маикон. Во второто полувреме се започна со иницијатива на Интер, но се отиде во неповрат кога Балотели направи глуп потег и беше исклучен. Потоа Русите ја презедоа иницијативата и дури и имаа статива за евентуално повторно водство. Севкупно, овој резултат имаше две бои. Негативното беше, што повеќе или помалку беше очекувано Интер да победи, но позитивното беше што многу лесно можеше да се случи да се доживее уште еден болен пораз во Русија.

На 20.10.2009 год. на Џузепе Меаца гостуваше Динамо Киев, а Интер се уште немаше победа после два натпревари, и изгледот во групата не беше баш најпосакуван. За тоа дека е важен. но не и најважен натпревар кажа и Мурињо: „Дефинитивно утрешниот меч е важен бидејќи ќе донесе повеќе смиреност или повеќе притисок во зависност од резултатот, но нема да биде последен меч во групата.“ Но, и овој меч не започна како што се посакуваше. Имено, веќе во 5-та минута во мешаница пред голот на Интер, Михалик беше најприсебен и Украинците поведоа. Интер започна да напаѓа и конечно во 35 мин. Станковиќ изедначи и ја врати надежта во победа. Но, повторно следуваше шок. само 5 мин. подоцна Лусио лошо интервенираше при корнер и постигна автогол. Во второто полувреме на самиот старт Самуел скокна највисоко на изведениот корнер на Снајдер и изедначи. Следуваше тотална офанзива на сино-црните и пак ништо. Повторно нерешено. Преминот во осминафиналето веќе изгледаше повеќе од загрозен, барем за мене.

04.11.2009 год. Киев. Во украина владее епидемија! Дуелот меѓу Динамо и Интер е во неизвесност! Сепак е одлучено да се игра. Публиката е со заштитни маски! Малку морбидна слика, но стадионот е полн. И двата клуба (Динамо со 4, Интер со 3 поени) имаат шанси да ја поминат групата. Мурињо со изјава: „Што сакам? Сакам да дадеме еден гол повеќе од Динамо. Ништо повеќе.“ И повторно проблеми на самиот старт. Шевченко (човекот кој се надава на голови против Интер) погоди на самиот старт. Полувремето завршува со предност за Динамо. Елиминацијата е се поизвесна. Второ полувреме, а интер напаѓа со сите сили. Резултатот е упорно ист. И одеднаш Снајдер протнува топка до Милито и Аргентинецот реализира! Само 4 минути до крајот, а Интер сака победа! Се уште. И започува тоа што милиони Нероаѕури, со своите очајни погледи го посакуваат - ПРЕСВРТОТ! Тиаго Мота на 25 м. проигрува да Балотеи, а овој без резмислување со пета ја продолжува топката во празен простор. налетува Мунтари и шутира, и топката оди директно во голманот Богуш. Но, погрешна процена и топка оди кон гол линијата, таму се наоѓа Милито и повторно шут на голот, а Богуш ја одбива кратко, но премногу долго за да ја дофати со раце! Снајдер е побрз и погодува! Гооол!
Ова е една од одлучувачките победи на Интер, кои го дефинираа карактерот на оваа генерација! Со пораз се ќе беше завршено уште во ноември! Со нерешено ќе имавме само лажни надежи! Со победа веќе полека мирисаше на пласман во толку посакуваниот елиминационен дел од ова натпреварување!

На 24.11.2009 год. беше ред на Интер да и гостува на Барса. Ситуацијата во групата е се уште неизвесна, но Интер со една победа во последните два меча ќе го обезбеди пласманот во втората фаза. и двете екипи се соочуваат со проблеми. Кај Барса не настапуваат Меси и Ибра, а кај Интер Снајдер. Очигледно беше на натпреварот дека Снајдер е премногу значаен за овој клуб! Барса се прошета низ теренот и за само 26 мин. имаше комотно водство од 2:0, кое го задржи а можеше и многу лесно да го зголеми. Интер не ги изгуби шансите, но па вака очаен натпревар, јавно се дискутираше дека оваа екипа нема капацитет да се соочи со големите европски екипи, и дека се уште сме далеку од вистинскиот европски крем! :)

Последното коло беше на 09.12.2009 год. а во групата се уште никој не беше сигурен патник! Едно беше сигурно, Интер со победа обезбедува пласман понатаму. Така и се случи првин Ето, по прекрасниот продор на Занети и проследено со асистенција од Балотели, во 30та мин. го отвори резултатот. Конечниот резултат го постигна Супер Марио, со гол кој долго време ќе се памети!

Со многу нервози, и уште поголема неизвесност Интер заврши на 2 место зад Барса и се пласираше во втората фаза. Но, недела по завршувањето на натпреварите се случи тоа што никој фан на Интер не го посакуваше, да се соочи со Челзи уште во првиот стадиум на елиминации! Но, од декември до март месец имаше долг период пред Мурињо, кој се враќаше на Стемфорд Бриџ, против екипа која тој ја создаде!
И конечно дојде 24.02.2010! 20.45 и започна долгоочекуваното соочување на Мурињо со „своите“, дербито на осмина-финалето во Лигата на шампионите! 20.48 покажуваат стрелките, а Милито погодува! Еуфорија на Џузепе Меаца! Интер е во рано родство, што пак е знак за Челзи да нападне. Челзи и се обидува да нападне, но безуспешно покрај беспрекорната одбрана предводена од Лусио! Почетокот на второто полувреме, сепак се случи тоа што не се посакуваше. Ивановиќ се прошета до шеснаесетникот и му асистираше на Калу кој од 20на метри погоди! Но, реакцијата беше најбрза што се може! На Камбиасо му беа потребни само 4 минути за да го врати водството и на тој начин и да го постави конечниот (2:1) резултат. Целта беше делумна остварена. Интер победи, да! Но предноста е само еден гол разлика, а Челзи постигна гол. „Реалните“ експерти предвидуваа прилично лесна победа на Челзи во реваншот.

Така се очекуваше! И дојде тој ден за одмазда. 16.03.2010. „Сините“ беа убедени во триумф. Но, веќе пред почетокот ги дочека изненадување. На официјалното соопштување на формациите Интер т.е. Мурињо изведе формација со тројца напаѓачи! Нашиот Пандев, го имаше дебито за првиот тим како стартер во лигата на шампионите! Тоа беше една од алките на Мур за да го одигра тоа што го посакуваше уште пред една година - тројца напаѓачи, од кои двајцата се крилни и ќе се жртвуваат за тимот (Ето и Пандев во случајов). Интер одлично одигра, единствено Челзи изгледаше опасен, во последните 5 од првото и првите 5 минути од второто полувреме. Всушност, Интер беше тој кој создаде посериозни шанси, но не ги користеше. така беше се до 79 мин. кога Снајдер упати топка, која само тој знае како да ја упати и го вработи Ето, кој единствено нешто што гледаше пред него беше нивниот трет уплашен голман! И погоди! Интер помина. Тогаш почнаа навивачите на нероаѕуите јавно да го спомнуваат нештото наречено СОН!

Во четвртфиналето Интер се соочи со „црвеноармејците“. Ова беше дуелот во кој Интер беше израен фаворит, и иако ЦСКА даваше силен отпор и на првиот и на вториот натпревар, двете победи со по 1:0 (Милито во првиот, а Снајдер во вториот) помина релативно лесно. За одбележување е фантастичниот натпревар на Пандев во првиот натпревар.

И Интер влезе меѓу четирите најдобри екипи во Европа. Полуфиналето - стариот познаник од фазата по групи Барселона!
Првиот меч е во Милано на 20.04.2010. Мурињо предупреди дека Интер е многу подобар отколку што беше во ноември. Интер и започна одлично, но Милито беше несреќниот до тој момент. И како по некое правило, еден мал кикс во одбраната (Маикон и Лусио се договараа со погледи кој да појде на топката, и како по обичај никој во таа ситуацја нема да затвори) и Максвел влезе длабоко во шеснаесетникот, неговата асистенција до Педро значеше 1:0 за Барса. Целиот сон беше претворен во пепел за само 5 секунди. Барса не е тим што лесно губи резултат! Преопасни се за контранапади! Очај! А само 19та мин. е! Но, од пепелта се роди Феникс во сино-црна боја. Милито сфати дека, не е баш најрасположен за голови, се одлучи за нешто друго! Се игра 30та минута, Ето центрира по земја до Милито, а овој ја продолжува топката до Снајдер = 1:1! Така и заврши полувремето. Се уште со горчлив вкус! Почеток на второ полувреме - прекрасен продор на Пандев и прекрасна долга топка до Милито, овој ја продолжува до маикон и = 2:1! Екстаза на Џузепе Меаца! Но, не е се готово! Уште еден центаршут на Ето во 61 мин. Снајдер со глава ја спушта топката до Милито. 3:1! Два разлика со пресврт на Барселона? Невозможната мисија, е успешно завршена!

Само 8 дена подоцна се игра реваншот. Премногу работи се случија за толку краток период! Сите работи се поврзани со еден поим - СТРАВ! Барселона се уплаши како никогаш до тогаш! Нешто што ме потсеќаше на воена кампања не на фудбалски натпревар! Се снимеа видеа за мотивација. Пике се сликаше со топка на Интер како ја издишува со еден удар. Изјавуваше дека играчите на Интер ќе го замразат фудбалот! се упатуваа јавни пораки за цела Каталонија да излезе надвор и да создава бучава како никогаш до тогаш. Мурињо беше навредуван додека одеше кон хотелот. Мур и ја објасни оваа ситуација. Кажа дека во Барса владее страв од елиминација, и дека додека Интер има сон да освои титула, кај противниците тоа прераснало во опсесија!
И дојде 28ми. И Барселона победи! Но резултатот беше САМО 1:0! Тоа значеше VAMOS A MADRID! Се случуваше сешто! Мота беше исклучен уште во 28 мин. поради симулацијата на Бускетс! Голот беше исто така сомнителен! Притисок се создаваше врз судијата секоја минута! Но, Интер издржа! Се случи нешто што не се беше случило од 1972 год. (финале со Ајакс) а се посакуваше нешто што не се беше случило 45 години! Титула во Лигата на шампионите!

И дојде и тој ден! 22.05.2010! Мадрид. Противникот се вика Баерн Минхен. Националните првенства се завршени. Челзи, Барса, (екипите кои ги елиминиравме) и Баерн се шампиони! И Интер и Баерн имаат двојна титула. Кој и да победи ќе свави тројна титула, прва во нивната историја, и во историјата на Италија или Германија.
Цело финале може да се опише со еден збор - МИЛИТО! Во неизвесниот натпревар, погоди двапати! Одбраната одолеа на Робен и компанија! Беше неизбежно! Шампиони на шампионски начин! Сонот стана реалност!
Еден наслов кажува се: „Принцот го круниса Интер!“
